Наследниците на имоти одземени со национализација од Пештани ја искористија денешната посета на премиерот Груевски  на Музејотна вода, за да се сретнат со него и да му се пожалат на бавноста на институциите кои цели десет години ги немаат решено нивните предмети. На кусата средба на паркингот пред музејот на вода тие на премиерот му ги пренеле своите барања, при што од него добиле уверување дека ќе се заложи проблемот да биде решен.

Нашите предмети постојано се враќаат од првостепената комисија до второстепена и обратно, а во меѓувреме со нашите имоти во Градиште  стопанисува приватно лице. Доколку ни се врати ние ќе можеме да управуваме со нашиот имот и да обезбедиме егзистенција за нашите семејства, истакна Ѓорѓи Танески, претседател на здружението на наследници на имоти од Пештани „Оревче“.

На средбата, како што пренесе Танески, премиерот најавил дека во наредните десет дена ќе прими претставници на Здружението, за да поразговара со нив за проблемите со кои се соочуваат, односно да се се преземат активности за враќање на нивните имоти, согласно Законот за денационализација. Станува збор за земјиште со површина од околу 15 хектари на атрактивна локација на охридското крајбрежје, инаку имот за кој побарување имаат 150 семејства од селото Пештани.

OhridNews