Децата од предучилишна возраст кои живеат во селото Пештани и во околните крајбрежни населби, во иднина ќе можат да се згрижуваат во дисперзираната група за предучилишна возраст, која ќе биде отворена во основното училиште „Св. Наум Охридски“. Според најавите, групата ќе работи под надлежност на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, а за нејзиното отворање Советот на општина Охрид донесе одлука во текот на минатата година.
За таа цел Охридската локална самоуправа деновиве преку електронскиот систем за јавни набавки, објави Јавен оглас за прибирање на понуди за Изведба на градежни работи во училиштето во Пештани за оспособување на просторија за детска градинка. Вредноста на градежните активности е околу 5.300 евра или точно 327.546,60 денари. Понудите по овој Јавен оглас ќе може да се достават најдоцна до 31-ви август 2015 година, а критериум за избор ќе биде најниската понудена цена.
Директорката на градинката Розе Костоска објасни дека опремувањето на просториите за дисперзираната група во Пештани се очекува да заврши до крајот на месец септември 2015 година.
-Откако ќе се избере најповолен понудувач на тендерот, веднаш ќе се започне со изведување на градежните работи, а доколку се тече според предвиденото, истите ќе треба да завршат до крајот на септември. Средствата за градежните работи за опремување на просторот, Локалната самоуправа ги обезбеди преку проект од Бугарскиот Конзулат, а средствата за опремување на ентериерот односно мебелот и другите надгледни средства ќе ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика, информираше Костоска.
Инаку во текот на претходниот период дисперзирани градинки беа отворени во селата Велгошти и Лескоец како и во населбата „Радојца Новичиќ“ во рамки на училиштето „Кочо Рацин“.
-Интересот за згрижување на деца во дисперзираните градинки е голем и се постигна ефектот кој го очекувавме, односно истите овозможија згрижување на дечињата од овие населени места. Таков ефект очекуваме да постигнеме и со дисперзираната група во Пештани со која дополнително ќе се зголеми капацитетот на нашата градинка и ќе се создаде можност за повеќе родители да можат да ги задоволат своите потреби за згрижување на децата, вели Костоска.
Инаку според информациите од Владата на Република Македонија кои во текот на изминатата седмица беа објавени на медиумите, на ниво на Република Македонија во текот на изминатите 2,5 години биле отворени околу 30 објекти за нови градинки, а во текот на ова лето започнале да се градат четири нови градинки.
Е.М