Атрактивното село на источниот брег од Охридското Езеро, Пештани, ќе биде приклучено на колекторот најдоцна до мај, вети локалната самоуправа. Во тек се градежни работи за доизградба на колекторскиот систем од х. Метропол до Пештани кои ги изведуваат две градежни компании.
Мештаните стравуваат дека доколку дојде до пролонгирање на роковите за изградба на колекторот, тоа би можело да влијае на туристичката сезона во Пештани. Од локалната самоуправа уверуваат дека градежните работи ќе завршат во предвидениот рок. Градските власти објаснуваат дека главен проблем претставува узурпацијата на јавните површини и делови од селските улици од страна на жителите на Пештани, поради што е побарано од Месната заедница да влијае кај жителите во селото да ги повлечат оградите кои се изградени на државен имот.Од МЗ-ца велат дека во тек се интензивни разговори со жителите на Пештани за решавање на проблемот од кој зависи приклучувањето на туристичката населба на колекторот на што пештанци чекаат повеќе од 20 години. До тогаш отпадните води во Пештани ќе се одлагаат во септички јами.