Охрид постепено ги валоризира природните потенцијали, кои освен реткост заштитена како светско наследство со инсигнија на УНЕСКО, се и додадена вредност на туризмот. Таков пример е планината Галичица, која се повеќе ги привлекува и „ловците“ на адреналин. За сите нив оваа година стартува новиот спортски проект „Пештани Екстрим Вертикал“ – планинска трка од екстремен карактер која ќе се случува во срцето на Националниот парк Галичица на 23 и 24 септември 2023, во организација на спортскиот бренд „Охрид трчат.
Трката започнува во подножјето на НП Галичица од центарот на селото Пештани и се движи по директна вертикална линија по западниот дел на планината. Самата трка поминува низ несекојдневна и невообичаена патека, каква што ретко може да се најде на планината Галичица. Вертикалот завршува во близина на врвот Чумо Влага на околу 1800 надморска височина. Трката е во должина од 5 километри со 1150 метри висинска разлика што претставува голем предизвик за секој учесник, исполнета со многу адреналин и себенадминување како и уживање во природните убавини на планината и фантастичната глетка кон езерото и охридскиот регион. – вели за Охридњуз Иван Цветкоски, дел од организациониот одбор на трката.
Секој кој сака да учествува на трката треба да се регистрира на веб страна: www.ohridtrcat.mk.
Секој учесник добива стартен пакет во кој ќе има драј фит маица, финишер медал, стартен број, планинска капа и подароци од поддржувачите. Котизацијата за учество на трката е 1000 денари. Сите останати информации поврзани околу патеката, услови, задолжителна опрема, парични награди, стокови награди, социјални активности ги имате на нашата веб страна. – посочуваат организаторите.
Покрај главната трка дел од Пешатни Екстрим вертикал е и првата Детска траил трка која се организира на НП Галичица насловена како „Peshatni Kids Trail“. Должината е 2 километри со 80 метри висинска разлика што претставува одлична можност за пошироката детска популација да може да учествува и биде дел од ова преубаво дружење со планината и селото Пештани.
Учетвото на детската трка е бесплатно и секој еден учесник од страна на организаторорт ќе добие маица и финишер медал за успешно завршување на трката.
Г. МОмироски