Пациентите во специјализираната установа во Отешево сега можат да добијат квалитетна здравствена грижа со значително подобрени услови и модерна опрема, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Промовирајќи го проектот за подобрување на здравствените услуги и создавање услови за рехабилитација на ранливи категории граѓани и пост ковид пациенти, Перински нагласи дека специјализираната установа во Отешево е единствена од тој тип во земјава, а од денес пациентите ќе може да добиваат медицински третман по сите стандарди.

Благодарение на поддршката која ја имаме од Владата на Швајцарија, минато време е кога третманите се изведуваа во отежнати услови поради немање соодветна опрема и инфраструктура. Со реконструкцијата, ги подобривме условите за рехабилитација, а зголемен е и капацитетот на лицата кои имаат потреба од услугите кои ги нуди заводот. Ова е од исклучително значење, бидејќи тој по својата функционалност и начин на делување нема само регионално, туку и национално значење, затоа што тука се лекуваат и пациенти од целата држава, но и од регионот, посочи Перински.

На свеченоста во Отешево и во присуство на градоначалниците од пелагонискиот регион, амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман истакна дека Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува државата во напорите за локален развој.

Низ оваа неколкугодишна соработка придонесовме за зајакнување на капацитетот на регионалните центри кои се клучни за поддршка на општините да соработуваат и заедно да ги идентификуваат потребите и приоритетите на регионот. Регионите се соочуваат со широк спектар на развојни предизвици и затоа регионалните центри ги поттикнуваат општините преку регионалниот совет на партиципативен и транспарентен начин да одлучуваат за проекти кои директно ги адресираат потребите на луѓето, нагласи амбасадорката Улман.

Со пуштање во употреба на реконструираниот и реновиран капацитет, во Отешево, за првпат во историјата на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања, се преземени значајни мерки за подобрување на квалитетот на здравствените услуги и работните услови за медицинскиот персонал.

Според градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, обновениот Завод во Отешево како болница од национално значење има потенцијал за развој на здравствениот туризам во регионот.

OhridNews