Следната недела на настан на ниво на експертска јавност ќе се означи почетокот и детерминирањето на слабостите на постојното законско решение за локална самоуправа и врз основа на тие слабости ќе се влезе во фаза на имплементација или реформирање на истото, најави министерот за локална самоуправа Златко Перински денес од Охрид.

Главен императив во тие измени ќе биде можноста за отповикување на градоначалник. Дополнително ќе биде можноста на препознавање на комуналната полиција во Законот за локална самоуправа иако комуналната полиција е уредена со друг Закон за комунални дејности под ингеренции на Министерството за транспорт и врски. Но, сакаме да го препознаеме во Законот за локална самоуправа за да немаме девијантни појави во насока на оштетување на урбана опрема за која градоначалниците одвојуваат средства од своите буџети, посочи Перински.

Намерата е, вели, Законот да биде донесот до следните локални избори, за да новите мандати бидат со ново законско решение. Одговарајќи на новинарско прашање дали има градоначалници кои сега треба да бидат отповикани, Перински посочи дека за тоа граѓаните треба да одлучат.

Со овие законски измени сакаме да им дадеме можност на тие кои ги избрале градоначалниците, односно граѓаните, да можат и да ги отповикаат. Во моментот тие кои се избрани на непосредни локални избори, како што се градоначалниците, нема законска можност на ниту еден основ да бидат отповикани. Токму тоа е императивот за да влеземе во овој процес. Сакам да напоменам и дека овој Закон е постар повеќе од 20 години и е навистина зрел за промени, додаде Перински.

Поддршка на идејата за измени на Законот за локална самоуправа изрази и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Законот е стар 20 година и ако погледнеме какви се процеси се случувани од влегување во фази на децентрализација, до потребата за комунална полиција, можноста да има одговорност за градоначалници кои се бирани на непосредни избори и сите аномалии кои можеби ќе бидат забележани при отпочнување на овој процес на експертско ниво ќе добиеме се надевам модерен Закон за локална самоуправа. Истиот на нас како градоначалници би ни ги олеснало работите и би ни ги проширило ингеренциите, а секако и можноста за одговорност, потенцираше.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е дозволиво градоначалници за кои се водат десетина судски процеси сеуште да се на функцијата, Пецаков истакна дека сегашниот закон е јасен дека градоначалник неможе да биде тој кој е осуден со првосилна осуда.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска