Постапката за измена на Законот за локална самоуправа се очекува да заврши до летото оваа година, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Подготвени сме да преминеме во следната фаза, односно во креирање на предлог измените на Законот за локална самоуправа и веднаш потоа, истите да ги доставиме до парламентот на дополнителни консултации со сите парламентарни политички партии, за да влеземе во фазата на валидизација, односно на усвојување на предлог измените, изјави денес министерот за локална самоуправа, Златко Перински по одржаната четвртата од серијата јавни дебати во процесот за измени на Законот за локална самоуправа.

После јавните дебати одржани во Битола, Штип и Гостивар, со денешната одржана во Скопје се заокружува фазата на јавни консултации на кои досега учествуваа градоначалници од сите региони, други претставници од локалните самоуправи и невладиниот сектор, како и експерти од областа.

Убеден сум дека преку еден ваков отворен, транспарентен и инклузивен начин ќе дојдеме до едно многу подобро законско решение од ова коешто сега го имаме. Очекувам новото законско решение да биде изготвено до крајот на летото, и практично да биде применливо за избраните грaдоначалници на претстојните локални избори. Главната иницијација за отворање на законот е можноста за референдумско отповикување на градоначалник, воведување на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во рамки на носење на одлуки на локално ниво, посочи Перински.

Проф. д-р Александар Спасеновски, кој е дел од експертската група вклучена во процесот на подготовка на законските измени, истакна дека важечкиот закон претставува важен системски закон, кој го положил тестот на времето.

Главните измени и дополнувања се во насока на корекција на определени одредби, коишто се дел од актуелното законско решение, а кај коишто со текот на времето се појавиле одредени аномалии. Истовремено, детектираме и предвидуваме одредени норми кои не се дел од сегашното законско решение, а се покажало дека се потребни. Меѓу нив, и можноста за отповик на градоначалник, а во однос на комуналната полиција, со измените практично ќе создадеме база за во иднина законски да се регулира оваа материја, посочи Спасеновски.

OhridNews