„Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ е театарска, локациски специфична претстава чија премиерна изведба ќе се случи во недела, 16 февруари, со почеток во 20 часот во НУЦК „Григор Прличев“.

„Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ е третата етапа од трилогијата на проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес.

Перформансот е креативен процес на соработка помеѓу тимот на актери и драматург. Експериментално театарско дело, локациски специфичен перформанс, кој ќе ве поведе на лично внатрешно патување и длабока имерзивност.

„Напуштени места“ се однесува на неискористените потенцијали на просторите и културното наследство – места полни со сеќавања, метаморфоза, нови перцепции, регенерација, мистерија, бунт, угнетување. Оваа локациски специфична театарска претстава ве води низ просториите на Културниот центар НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид, истражувајќи епизоди и моменти од лични приказни, ранливи состојби и спомени. Можеби нешто слично ти се случило и тебе? Изведбата ве носи назад во минатото и напред во една алтернативна иднина, во која ликовите сонуваат да бидат, вели извршниот продуцент Јасмина Билаловиќ.

Целиот простор, посочува, е креиран според внатрешниот свет на протагонистката и текот на мисли кои испливуваат на површина, откривајќи одамна заборавени лични ритуали, угнетувања и ветувања.

Колку повеќе ликот станува свесен, толку посилна е нејзината потреба да се ослободи од структурите создадени за неа, кои таа самата не ги создала. Таа почнува да го препознава кодот на однесување што се пренесува од мајка на ќерка со векови. Таа се ослободува товарот на борбата за место во историјата, учејќи како да биде човек, автентична во својата проценка, желби и начини на исполнување на животот, секогаш свесна за она што го остава зад себе откако ќе ја нема повеќе. Таа е мудра, воин, девојка, заробено битие, мајка, ќерка; таа е исцелителка и пејачка; таа е мрзлива и вредна; таа е сè и насекаде, а може да биде ништо и никаде, додава.

Влезот за претставата е бесплатен, но сите кои сакаат да присуствуваат треба да си резервираат место со испраќање на меил на [email protected] или порака на: 070/250-500.

OhridNews