Пензионерите бараат да се зголеми нивната безбедност во руралните средини. Како што потенцира претседателот на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески, во бројните контакти со членовите на здружението од селата во охридско и Дебрца, жителите се жалеле дека не се чувствуваат безбедно поради отсуство на полициски екипи во овие населени места.


Во општина Дебрца нема ни полициска станица и постарите луѓе се оставени на милост и немилост. Крадците и насилниците знаат дека во дел од куќите живеат стари лица кои немаат како да се заштитат. Инсистираме да се преземат мерки од страна на надлежните и овој проблем да се реши, вели Трпчески.

Од СВР- Охрид потенцираат дека нивните службеници се на терен 24 часа на ден, за што е доказ и високиот процент на пронајдени сторители на казнените дела.

Полициската станица која претходно функционираше во село Издеглавје- општина Дебрца поради технички причини и извршени опсежни анализи и проценки кои полицијата ги направи во однос на сите криминални активности и вкупен број на случени кривични дела, е сведена на канцеларија. Безбедносни проценки се прават постојано, како во руралните средини, така и во приградските населби, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.


Димоски потенцира дека од страна на полицијата се преземаат сите потребни мерки со цел- во ниту еден момент да не е загрозена безбедноста и сигурноста на жителите.

– Полициските службеници од канцеларијата во село Издеглавје и од полициската станица во Охрид преку целиот ден вршат континуирани обиколки преку организирани патроли и на други начини, додава Димоски.

Т. Кувенџиска