Знам дека секој ден сте преоптоварени со информации и прес конференции за ширењето на епидемијата и потполно го разбирам вашиот страв за вашето здравје и здравјето на вашите најблиски. Ја разбирам и вашата загриженост од лошите вести и од проширувањето на рестриктивните мерки. И јас самиот ги имам слушнато не знам веќе колку пати апелите од надлежните да останеме дома и да избегнуваме физички контакти со околината. Меѓутоа, за сето тоа има голема причина, вели во своето обраќање до јавноста претседателот на државата Стево Пендаровски.
- Во изминативе 20 години имаме поминато низ многу тешки работи, но, да бидам искрен, ваков смртоносен противник, досега, не сме имале. Пред неколку дена за првпат воведовме вонредна состојба, а завчера, исто така, за прв пат, полициски час на целата територија, каде што полицијата и армијата го контролираат влезот и излезот од сите населени места. Докторите и сестрите, војниците, полицајците и волонтерите се секојдневно на работа. Во одржувањето на стабилноста на системот огромен придонес даваат и вработените во трговијата, транспортот, услужните дејности, кои и покрај критичната состојба остануваат на своите работни места. Додека целиот свет е во потрага по вакцина и лек, самоизолацијата е најдобрата превентива против вирусот. Знам дека ви е тешко, но, мораме да ги сочуваме нашите животи, и да им помогнеме на немоќните и повозрасните, вели претседателот Пендаровски.
Додава дека друга опција нема, освен во овој период да се издржи. „ Ве молам, не паѓајте со духот, сите заедно, ќе издржиме!“, порачува Пендаровски.
OhridNews