Во овие денови на искушенија кога сме свртени кон своите најблиски, нашата држава направи клучен чекор кон остварување на стратешката цел за влез во Европската Унија, истакнува претседателот Пендаровски во писменото обраќање до јавноста.

Лидерите на земјите-членки потврдија дека треба да ги почнеме преговорите со Унијата. Европската Комисија ќе пристапи кон дефинирање на преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција ќе се случи во најскоро можно време, потенцира шефот на државата.

Овој момент го чекавме повеќе од 15 години. Одлуката е јасна и без дополнителни услови. Таа е потврда за спроведување на неопходните реформи, но и за значајните компромиси што ги направивме во духот на европските вредности. Во претстојниот период не очекува макотрпна работа. Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство. Оттука, по надминувањето на кризата со епидемијата очекувам надлежните политички фактори да ги насочат сите капацитети кон што поскоро остварување на крајната цел. – вели Пендаровски.

Претседателот упати честитки до сите кои изминатите години работеа на нашата европска иднина, но, пред се, на граѓаните за постојаната висока поддршка за нашето членство во Европската Унија. Тој денес упати писма на благодарност и до лидерите на земјите-членки на ЕУ за искрената поддршка во континуитет.

Пендаровски се осврна и на приемот на земјата во НАТО, која од денеска и официјално е дел од најголемата воена алијанса.

Иако поради тешкиот период низ кој поминуваме не можеме да се израдуваме и да ги одбележиме овие настани како што доликува, сепак, станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина.

Нека ни е честито на сите! Заслуживме! – порача претседателот Пендаровски.

OhridNews