Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој во рамки на кампањата пред вториот изборен круг денеска е во Охрид и охридско, на 7-годишнината од упадот во Собранието, кој се случи на 27 април 2017-тата година, истакна дека насилниците коишто влегоа да тепаат пратеници и новинари, не им се извинија ниту на граѓаните, ниту пак на луѓето кои ги поттикнуваа на насилство против своите сограѓани, само за да ги зачуваат своите фотелји затоа што не сакаа мирно да ја предадат власта, туку повеќе беа подготвени да ја жртвуваат државата. Наместо извинување, сега ВМРО – ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател најавуваат амнестија на насилниците доколку дојдат на власт, рече тој.

Три века наназад во ниеден Европски парламент таква сцена не е забележана. Да се организира насилство за да ги задржиш фотелјата, власта и сите привилегии со тоа што одат, а ги имаш изгубено изборите, просто мнозинство на граѓаните не е на твоја страна, тоа е нешто незабележано. Тоа е една од главните работи по кој оваа политичка гарнитура од која сум и јас дел се разликува од нив. Никогаш ни на памет не ни паднало, ниту ќе ни падне, кога ќе ги изгубиме изборите, а во демократија и се губат и се добиваат избори, да организираме насилници кои ќе тепаат други колеги пратеници, за да спречиме заминување од власта. Тоа е нивна карактеристика, нека им служи на чест. А посебно нека им служи на чест што седум години од тој чин не најдоа сила и не беа доблесни да се извинат и на нас кои бевме нападнати и на целиот македонски народ, истакна попладнево на средба со охриѓани во Сараиште, претседателскиот кандидат Пендаровски.

Тој директно ги прозва неговата противкандидатка и партијата што ја поддржува дека се обидуваат со замена на тези да ги негираат фактите за случувањата на 27 април 2017-та.

Нивната кандидатка најавува амнестија на тие луѓе, со што сака да каже дека тие го бранеле Уставот и државата и највисоката државна институција во една парламентарна демократија, а ние другите сме биле насилници кои сме сакале по пат на сила да дојдеме на власт. Поголема лага од оваа во Македонија не е измислена. Ова го кажувам не само што е годишнина, туку затоа што апсолутно истите луѓе кои беа во раковоството на таа партија и  го организираа тој чин, што е потврдено со судски пресуди, тие денес се кандидати за пратеници или кандидати за премиер, рече Пендаровски.

Настаните од 27-ми април Пендаровски ги коментираше и на средбата со граѓаните на Пештани, посочувајќи дека овој случај покажува всушност како ќе владее ВМРО ДПМНЕ ако дојде на власт.

Јас разбирам да кажеш криви биле тие и тие, по име и по презиме и да речеш дека многу им се високи казните или во име на некакво национално помирување да им простиме дел од казната, да си одат дома, било што било. Но ништо од тоа не се случува, само се најавува амнестија. Според мене тоа е јасен индикатор дека на таков начин, ако дојдат на власт и ќе се владее“, додаде Пендаровски денеска во Пештани.

Н.С.Ј./Г.М.