Претседателот Стево Пендаровски на денес и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Хеленската Република, во рамки на првата историска посета од македонска страна на највисоко ниво меѓу двете држави.

Како што најавија од претседателскиот кабинет, во вторник на 5 октомври, Пендаровски во претседателската палата во Атина, на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од претседателката на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу, по што ќе се одржат тет-а-тет средба, и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Хеленската Република, Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.

Во рамки на посетата, Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Хеленската Република, ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Хеленската Република, Џефри Пјат.

За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Хеленската Република.

 

ОhridNews