Првата работа што треба да ја направи следната власт, веднаш по изборите, е да спроведе прочистување не само меѓу судиите и јавните обвинители, туку и меѓу политичарите, порача во своето прво обраќање пред пратениците, претседателот на државата Стево Пендаровски. Додаде дека оправдана е перцепцијата на граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргините одговараат за багателни кривични дела.

Во својот говор тој рече дека во три децении независна држава, ниту еден политичар не завршил зад решетки. При тоа, го спомена бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

  • Ниту една институција не кажа како избега Груевски, рече претседателот.

Претседателот зборуваше и за случајот „Рекет“ како врв во правосудните процеси.

  • Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас. Креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и при тоа ниту една институција не кажа јавно како такво нешто воопшто беше возможно. Врв на лошите состојби беше т.н афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела и првата личност на институцијата која беше формирана со една единствена цел, да ги гони криминалците, рече Пендаровски.

Потенцира дека демократските индикатори покажуваат дека има напредок во правосудството, но дека реалната перцепција на граѓаните е дека напредокот не е доволен.

Во однос на Законот за јазици, Пендаровски смета дека нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, но како што додаде, законите се носат заради граѓаните, и затоа чесно е да се направат сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат.

OhridNews