Ситуацијата останува сложена, а сите сценарија за идниот развој на настаните се оптоварени од главната непозната, а, таа е: колку долго ќе трае пандемијата. Ова е заклучокот на Советот за безбедност, кој денеска во проширен совет заседаваше во кабинетот на претседателот Пендаровски.
Едногласно беше заклучено дека, до сега, имаме адекватна поставеност на државата и ефективна соработка меѓу надлежните служби, потоа стриктно спроведување на препораките на Светската здравствена организација и со мали исклучоци, имаме навистина одговорно однесување на нашите граѓани, истакна по состанокот Пендаровски.
Со спроведување на мерките за ограничено движење и затворање на границите директно страда економијата. Сведоци сме дека и најразвиените земји се соочуваат со крупен предизвик во овој сегмент. Во оваа смисла ни претстои тежок период во кој ќе бидат потребни серија на мерки и одговорни одлуки со цел да се намалат, колку што може, штетите по националната економија. За таа цел, потребна е мобилизација на сите економски капацитети во државата и прибегнување кон најрадикалните мерки само во крајна нужда и со определен временски рок. – рече Претседателот.
Одговарајќи на новинарско прашање, Пендаровски рече дека во овој момент државата е далеку од печатење пари кои би биле пуштени во оптек за да се ублажат последиците врз економијата, додавајќи дека земјата во овој момент е далеку од такво катастрофично сценарио.
Пендаровски истакна дека Советот за безбедност ќе продолжи да ја следи состојбата и работата на сите институции ангажирани во овој период. До истекот на вонредната состојба тој најави дека ќе свика најмалку уште една седница на Советот за безбедност за пред нејзиното евентуално продолжување да биде презентирана целокупната ситуација со сите витални параметри неопходни за носење на одлука.
OhridNews