По пристигнувањето на охридскиот аеродром, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, се упати кон вилата „Билјана“ каде го пречека македонскиот претседател, Стево Пендаровски, кој рече дека посетата на државниот секретар на САД, се случува во исклучително важен период за нашата земја, што воедно е и потврда за пријателството меѓу САД и Северна Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија.
- САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакна Претседателот.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.
- Северна Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30-та членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во Европската унија“, рече претседателот Пендаровски.
Секретарот Помпео се заблагодари за топлото добредојде во Северна Македонија која ја посетува во рамки на посетата на Италија, Црна Гора и Грција. Тој потврди дека американската поддршка во продлабочувањето на пријателството меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина, што е значајно не само за Република Северна Македонија туку и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.