Tехнолошкиот развој и дигитализацијата овозможија достапност на дигитални платформи кои се лесни за работа, но, истата таа технологија овозможува и брзо ширење на дезинформациите и мултиплицирање на нивното дејство, создавање на алтернативна реалност од дезинформации во кои се губи вистината. Oва го истакна претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на дебата: „Штетното влијание на дезинформациите“,  што се одржа денеска во организација на граѓанската асоцијација МОСТ.

Интернетот и социјалните медиуми овозможија неверојатна плурализација на медиумската слика на национално и на глобално ниво, можност и маргинализираните да станат видливи. Меѓутоа, во рамките на експанзијата на социјалните медиуми, без преседан во историјата на човештвото, се јавува еден нов, сериозен предизвик и проблем, а тоа е злоупотребата на слободата на говор од различните учесници во јавниот дискурс, а често пати и злоупотреба на правото на приватност. – рече Пендаровски..

Технолошкиот развој и дигитализацијата овозможија достапност на дигитални платформи кои се лесни за работа, но, истата таа технологија овозможува и брзо ширење на дезинформациите и мултипликација на нивното дејство, создавање на алтернативна реалност од дезинформации во кои се губи вистината. –  вели Претседателот.

Како пример, Пендаровски ја посочи најновата криза со појавата на корона вирусот. Светската здравствена организација од самиот почеток апелираше на информирање од меродавни извори, нагласувајќи дека постои и епидемија на лажни вести, додаде тој.

Веќе со години на глобално ниво се познати трендовите на пораст на лажните вести и дезинформации, појавата на фабрики на „тролови“ односно, лажни профили кои симулираат дебата за одредена тема која е од корист за одредена политичка или бизнис организација, како и недостаток на проверка на факти во содржините кои се објавуваат. Последниве години започнаа дебати и за влијанието на социјалните медиуми врз изборите во различни земји, отворајќи го прашањето за улогата на социјалните медиуми во развојот на демократијата. – посочи Пендаровски.

Претседателот смета дека за ефикасна борбата против лажните вести и дезинформациите потребни се здружени напори, ефективна соработка на државните институции со граѓанскиот сектор, со медиумите, со образованието и со бизнисите кај кои ќе се поттикнува и користење на најдобрите практики и соработка со партнери од странство. Секое одговорно општество кое сака да биде демократско мора постојано да се спротивставува на дезинформациите на организиран начин. – додаде Пендаровски.

OhridNews