Да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно започнување на преговорите, во спротивно ќе ги изгубиме младите кои се иселуваат. Потребни ни се европски реформи, кои ќе помогнат да го оствариме виталниот национален интерес, да ги мотивираме младите да останат во државава, порача претседателот на државата, Стево Пендаровски, на одбележување на 2 Август, во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.
Пред присутните Пендаровски кажа младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена, клучни за трансформациите во државата, но денес кажа се загрозено малцинство.
младите се загрозено малцинство. Уделот на младите луѓе во вкупното население опадна од 28% во 1970 на само 16% во 2021 година. Ние, за жал, веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите нации за 2030 година. Со сегашното темпо на иселување, постои реална опасност многу бргу да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање. Доколку веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот не се успори со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов ја антиципираме, кажа Пендаровски.
Зборувајќи за причините за иселувањето, Пендаровски рече дека младите заминуваат во туѓина, бидејќи се отуѓени во државата. Од независноста наваму, младите, како што рече, се пасивни приматели на политиките, нивната енергија се користи за теснопартиски цели, тие кажа, не веруваат дека со труд може да се напредуваат, туку со партиски книшки, роднински врски етничка припадност наместо знаење и квалитет.
Со тоа се отвора широка врата за корупцијата, а секоја коруптивна трансакција на пари и моќ воспоставува двојни стандарди, ја поништува еднаквоста пред законите, ја руши довербата во институциите и конечно, ја обезвреднува државата. Како најголем генератор на неправда и нееднаквост, корупцијата е една од главните причини за масовното иселување на младите. Иселувањето не е ништо друго освен конечен протест на младите генерации, кажа Пендаровски.
Претседателот додаде дека од АСНОМ, па до денес, се потврдува дека е тешко да се дојде до слободна држава, уште потешко да се изгради и одржи слободно и праведно општество, кое е обврска на сите генерации.
Затоа, нагласува, потребни се европски реформи, најбрз и најсигурен начин за суштински реформи, без како што рече, бирократски импровизации и партиски и бизнис-махинации се преговорите за членство во Европската Унија. Според него, интеграцијата ќе ја трансформира секоја општествена сфера, ќе овозможи градење на функционална правна држава со независен и ефикасен судски систем како предуслов за економски раст и одржлив развој.
Преговорите ќе ни помогнат да ја направиме корупцијата помалку општествено прифатлива, а културата на неказнивост да ја замениме со култура на одговорност и личен, морален интегритет. При тоа, треба да ни е јасно дека добра алтернатива за европските реформи – не постои! Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државава и да се вклучат во изградбата на европска Македонија, кажа претседателот.
Тој повика да се надминат разликите, сите да се сплотат околу започнување на преговорите, за да не се изгубат младите, без чија енергија е не е можно решавање на какви било прашања.
Делчев со право бил против избрзано востание што ќе доведе до големо крвопролевање. Тој не се залагал само за слобода на македонската земја, туку за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ. Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена, рече Пендаровски.
Говорејќи за младите востаници, илинденци асномците, рече дека историските извори сведочат дека младите се оние кои ја создадоа државата, се бореа за неа, предводеа револуции, демонстрации и дека поради борбата на млади антифашисти денес имаме држава.
Осврнувајќи се на историјата рече дека делегатите на АСНОМ го чествувале и Делчев и посветиле цело поглавје на младите и дека благодарение на младите антифашисти денес имаме држава.
Затоа, денес, на ден Илинден, сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903-та, АСНОМ-ската од 1944 и независната од 1991 година, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска. За век и векови да го славиме, честит Илинден на сите Македонци и македонски граѓани!, рече Пендаровски.
OhridNews