После првиот круг резултатите ги знаете, а според моето скромно убедување не постои ниту една основа за малодушност, разочараност и анемичност, била каква слабост од било каков тип, затоа што резултатите се такви бидејќи имаше седум кандидати по првпат во македонската историја и гласовите се раширија на повеќе места, рече кандидатот за претседател на владејачката СДСМ Стево Пендаровски на средбата со охриѓани денес во рамки на кампањата пред вториот круг од претседателските избори.

Јас сум единствениот од седумте кандидати за претседател кој и порано и денес претендира да зема гласови од сите етнички заедници. Сите други шестмина што беа претендираат да земат гласови само од својата етничка заедница. И логично е кога одите со таков концепт, а овие ќе си ги дадат гласовите кај условно кажано нивните, дека резултатите се такви какви што се. Меѓутоа тие кои отпаднаа, петте кандидати имаат вкупно околу 330 илјади гласови што е огромна бројка сама за себе, потенцираше Пендаровски.

Не велам, додаде Пендаровски, дека по автоматизам ќе дојдат кај мене, нема да дојдат, но тврдам дека огромна бројка од нив е многу блиска и го поддржува концептот за ваква Македонија за која јас се залагам, не само изминативе пет години, туку од кога сум активен на политичката сцена.

Мојот концепт за Македонија во која сите сме рамноправни и во која нема делби кои се намерно вештачки продуцирани, е Македонија за која верувам дека сите вие ќе и дадете поддршка на 8-ми мај, бидејќи само тоа е рецептот за успех на државата. Се друго е рецепт за продолжена агонија и враќање во режимот кога еден човек, една фамилија и една партија решаваат за судбината на тогаш 2 милиони сега 1,8 милиони луѓе, истакна.

Ние, додаде Пендаровски, никогаш не сме ги кршеле процедурите на демократијата во Парламентот, никогаш не сме биле во сојуз со криминалното подземје, политичкиот полусвет за да ги малтретираме политичките опоненти, ние не монтиравме политички процеси, не нарачувавме по телефони 10-12 години затвор, не прислушкувавме граѓани по дома, на работа…. тие тоа го правеа и истите луѓе сега бараат повторна ваша доверба и не велат дека ќе владеат на поинаков начин.

На 8-ми мај е потребна масовна политичка мобилизација. Ова не е фраза туку нужност, со цел во Македонија да не се вратат тензиите кои ги имавме и порано. А гледате и од едната и од другата етничка страна на секој ден два се креваат тензиите, се оди со националистичка реторика кој се потхранува една со друга, но не и носи среќа на државата. Се разгоруваат националистички страсти кои откако ќе завршат изборите тешко се враќа тој дух во шишето назад.  Умешноста на нас политичарите е да го искористиме сечиј потенцијал и да ги впрегнеме во заедничката кауза, за среќна, напредна и просперитетна Македонија инаку се помалку ќе има млади. Од едниот до другиот попис изгубивме многу луѓе. Трендовите на заминување од државата се неповолни и поделбите не ни требаат. Оваа политичка структура покажа принципиелно дека знае да го цени сечиј придонес, рече Пендаровски.

Кога сите би правеле така, истакна Пендаровски, особено од оние кои се нудат како алтернатива на овие избори, ви тврдам дека барем за стратешките цели ќе имавме консензус и оддамна ќе бевме членка на ЕУ.

Во однос на Европа ние мораме да отидеме. Но, најмакедонската партија како што сакаат да се нарекуваат ставаше сопки на секој чекор. Тие еднаш не биле на браникот на татковината, на виталните стратешки интереси.  Македонија ќе остане изолирана држава каква што беше во нивно време, нема да оди напред, а во моментов сме во самоблокада заради нив, сами се блокираме на патот кон ЕУ и ќе ги гледаме младите секоја година како заминуваат, истакна Пендаровски.

Потенцираше дека 17 години се чекаше да почнат преговорите и почнато е со договор во кој апсолутно е се заштитено.

Има пропаганда од другата страна дека само како Бугари ќе сме влезеле во Европа. Бугари никогаш не сме биле, секогаш сме биле Македонци и како Македонци ќе влеземе во Европска Унија, заклучи Пендаровски.

На средбата со граѓаните на Охрид во Сараиште присуствуваа бројни членови и симпатизери на партијата, членови на раководството на партијата во Охрид, како и кандидатите за пратеници, носителот и ко-носителот на кандидатската листа.

Пендаровски го презентираше својот концепт пред охриѓани

Претходно, претседателот Пендаровски оствари средба и со жителите на Пештани.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски