Манифестот до македонскиот народ упатен од Главниот штаб на Народноослободитената војна во 1943 година од село Црвена Вода, Дебрца, е документ од исклучително историско значење кој ја дефинира иднината на македонската држава. Тој ги поврзува Крушевскиот и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ. Преку него Главниот штаб ги повикал старите Илинденци и младите партизани да се сплотат во народноослободителната борба. Ова, меѓу другото го истакна претседателот и врховен командант Стево Пендаровски денеска во селото Црвена Вода, општина Дебрца во обраќањето на настанот со кој се одбележа Денот на издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ до македонскиот народ во 1943-та година, како и патрониот празник на општината Дебрца.

Манифестот не само што даде јасна и конкретна програма за текот на борбата, туку и ги исцрта контурите на идното уредување на македонската држава како рамноправна република во тогаш заедничката федерација. Формулациите на Манифестот се преточени во речиси сите државотворни документи донесени на Првото заседание на АСНОМ, од Прогласот, па се до Декларацијата за основните права на граѓанинот. Затоа, денеска со право можеме да кажеме дека и АСНОМ-ските документи се инспирирани и подготвувани токму тука, во Црвена Вода. – истакна Пендаровски

Манифестот е важен не само затоа што е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница „Гоце Делчев“, сместена токму тука, туку и затоа што во себе ги содржи лекциите за континуитетот, за соживотот и за сојузништвото, рече Пендаровски.

Овој документ повикува на чување на единството меѓу етничките и верски заедници што е зацврстувано преку заедничката антифашистичка борба. Бидејќи токму единството на различните ја прави слободата не само возможна и одржлива, туку и вистински вредна за живеење. Во знакот на тоа единство, Манифестот бил преведен и печатен и на албански јазик. И конечно, Манифестот го потврдува местото на македонскиот народ во големата антифашистичка коалиција. Ние денес имаме своја суверена и независна држава токму затоа што во Втората светска војна бевме на вистинската страна на историјата.-потсети претседателот Пендаровски.

Црвена Вода, додаде Пендаровски, е изворот на нашата слобода и државност. Патот до Прохор Пчињски минуваше низ Црвена Вода. Но, и покрај тоа, Црвена Вода долги години беше неправедно запоставена. Поради негрижа, едно од најважните скалила на нашата слобода и државност беше редовно прескокнувано, рече тој. Државата мора да покаже грижа за Црвена Вода, и овој голем ден, 3 октомври, да го вброи во трајниот календар на значајни настани, истакна Пендаровски, кој е првиот македонски претседател кој учествува на прославата на овој значаен историски датум во Црвена Вода.

Прославувајќи го 3 октомври тука, ние го издигнуваме Манифестот на неговото заслужено место во нашата историја. Истовремено се потсетуваме на главната порака од Манифестот – дека слободата, правдата, еднаквоста можат да се постигнат само преку единство меѓу сите граѓани, независно од етничката, верската, идеолошката, социјалната или генерациската припадност. Затоа што денес, во очекување на нашето членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со Европската Унија, нам и те како ни е потребно тоа единство. Така ќе покажеме и ќе докажеме дека и ние сме ја научиле лекцијата на славната антифашистичка генерација“. – го заврши обраќањето претседателот Пендаровски.

Во рамки на чествувањето, обраќања имаа и градоначалникт на Општина Дебрца Зоран Ногачески, како и претставници на Сојузот на борците. Официјални делегации положија свежо цвеќе пред спомен обележјето од Втората светска војна, а присутните гости инаа можност да ја разгледаат реконструираната зграда на Спомен домот, за што средства, во висина од 10 илјади евра, обезбеди општина Дебрца, заедно со Спомен собата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, како и Спомен собата и родната куќа на писателот Ванчо Николески, доаенот на македонското детско-младинско литературно творештво.

OhridNews