Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија.

Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти. – соопшти кабинетот на Претседателот.

Од друга страна, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ќе го даде на Уставен суд своето мислење по однос на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на иавтопатишта, изјави за МИА претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Претседателката на ДКСК, укажа дека ставот на ДКСК, по извршена антикорупциска проверка, е оти овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Додаде дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставни работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава, рече претседателката на ДКСК.

Чувството во ДКСК што се гради во овој период, нагласи Ивановска, е дека борбата против корупцијата од страна на останатите чинители во општеството останува декларативна и селективна.

Нас тоа ни побудува чувство дека сме осамени во таа борба што сметам дека е многу лошо за нашата ситуација во државата, истакна Ивановска.

Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положа и однесување на пазарот.

Ивановска, меѓу другото, посочи дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрерност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализамот.

Законот што вчера го усвои Собранието, на предлог на група пратеници, е конкретна реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.

Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 Д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.

OhridNews