Постојат индиции за сериозни незаконитости во работата на Пливачката федерација (ПФМ) во минатото, поради што е покрената постапка за да се утврди евентуална одговорност, вели претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на Охридскиот пливачки маратон чие одржување беше доведено во прашање поради лошата финансиска состојба во ПФМ.

Од новото раководство на Пливачката федерација на Македонија пред некој ден бев информиран дека тие после  спроведената ревизија на работењето на претходното раководство на Федерацијата и организатори на маратонот имаат поднесено извештаи или кривични пријави до Антикорупциска и Основното јавно обвинителство. Очекувам, бидејќи станува збор за многу сериозни наводи од тоа што ми беше презентиран од новиот претседател на Федерацијата, дека тоа ќе биде земено веднаш во работа и нема да чекаме години и години да разбереме дали има таму навистина криминал, на што упатуваат ревизорските наоди и изјавите на новото раководство или нема ништо. – истакна на прашање на OhridNews претседателот Пендаровски.

Во врска со реакциите во јавноста по информацијата дека е загрозено одржувањето на Охридскиот маратон и коментарите во изминатите 48 часа, Пендаровски смета дека во најголем дел се предизвикани од политички мотиви, појаснувајќи дека тој како покровител нема никаква врска со организацијата на манифестацијата, а најмалку со финансирање на истата.

Јас знам дека има луѓе во опозицијата кои некои работи не ги разбираат. Не е возможно да до толку не разбираат и не прават разлика меѓу покровител, организатор и спонзор. Ја сум и денес покровител на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, но немам никаков контакт со финансиската конструкција на семинарот. Имам уште неколку покровителства и тие ги преземав од моите претходници. Ние можеме неформално да помагаме барајќи од приватни фирми спонзорства, но од Кабинетот на Претседателот не биле никогаш одделувани пари и средства за организација на било која манифестација на која претседателот е покровител. – истакна Претседателот кој денеска во Охрид присуствуваше на отворањето на 55 Летна школа за македонски јазик, литература и култура.

Пендаровски додаде оти службите во Кабинетот извршиле детална проверка на работењето во изминатите десет години при што било утврдено дека изминатата деценија ниту еден денар не е исплатен од буџетот на Кабинетот на Претседателот за било која манифестација.

Значи и моите претходници така работеле, но кога сте во политиката очекувате и такви конструкции кои немаат никаков контакт со реалноста и со фактите. – рече Пендаровски.

Г.М./Н.С.Ј.