Да се биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот е голема привилегија, но и уште поголема обврска и кон нашите граѓани и кон нашите сојузници. Основната причина зошто сакаме да бидеме дел од Европската Унија и НАТО е поради темелните вредности на овие две заедници, каде клучната вредност е владеењето на правото и функционалната правна држава како основен услов за економски и социјален развој. Организираниот криминал и високата корупција кои, за жал, се дел од нашето секојдневие ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и надежта за пристоен живот. Ова го истакна претсдтелот на државата Стево Пендаровски во обраќањето по повод Денот на армијата 18 Август.
Најважната обврска на нашата политичка генерација е воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Длабоко сум убеден дека нашето политичко наследство ќе зависи најмногу од успехот во остварувањето на оваа задача. Историјата нема да ни прости ако и овој пат не бидеме на вистинската страна како што бевме и за време на Втората светска војна, рече Пендаровски
Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и од нас, политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани. Најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции. А, таа доверба се заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние кои ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива. – истакна Претседателот.
Членството во НАТО ја крева на многу повисок степен и одговорноста на Армијата, додаде врховниор командант. Од март оваа година нашата униформа и име се нераскинлив дел од оваа глобална алијанса. Затоа, мораме да продолжиме да инвестираме во одбраната, да ја модернизираме и опремуваме Армијата и за тоа секогаш ќе ја имате мојата лична поддршка, додаде тој.
Мојата врвна политичка заложба како Врховен командант, а тоа го очекувам и од новата влада е во следните години да ја оствариме зацртаната цел за вложување на најмалку 2% од БНП во модернизацијата и развојот на Армијата. Оваа заложба, заедно со новата влада и новиот парламент, ќе ја актуелизираме, особено во пресрет на подготовките за буџетот за следната година. Во овој контекст, сакам да подвлечам дека е неспорен и континуитетот на наше активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите нации со што придонесуваме за глобалниот мир и безбедност. – рече Пендаровски.
Денешниот наш празник е повод да се навратиме на 1943 година кога на Славеј планина е формиран првиот баталјон во народнослободителната борба. Континуитетот меѓу баталјонот „Мирче Ацев“ и нашата современа армија не е само историски, туку е и вредносен, посочи шефот на државата.
Оваа година станавме 30-та членка на НАТО, организација на демократски и просперитетни држави. Членството е резултат на волјата на големото мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении. Неспорно е дека станува збор за исклучително историско постигнување кое ја гарантира нашата безбедност и ја јакне внатрешната кохезија на нашето мултиетничко оштество. – рече претседателот Пендаровски.
Тој се заблагодари на поддршката од државите членки, посебно на Соединетите Американски Држави, кои, како што рече, од нашата независност до денес, континуирано ни помагаат да изградиме стабилна, сигурна и просперитетна армија и држава.
Одликувања со Орден за воени заслуги по повод 18 Август – Денот на Армијата
Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска, на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата, со Орден за воени заслуги ги одликува Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави, Баталјонот за воена медицинска поддршка од логистичката база и Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции при Армијата на Република Северна Македонија.
Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави се одликува со Орден за воени заслуги за континуирана поддршка и помош во процесот на јакнење на капацитетите и на стандардите на Армијата на Република Северна Македонија, како и за зајакнување на соработката и на партнерството помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија.
Баталјонот за воена медицинска поддршка од логистичката база при Армијата се одликува со Орден за воени заслуги за високата професионалност, пожртвуваност и за исклучителниот придонес за извршувањето на мисијата на единицата преку зачувување и унапредување на здравјето на припадниците на Армијата и на Министерството за одбрана и со тоа одржување на потребното ниво на борбена готовност, медицинска поддршка при справување и санација на елементарни непогоди и кризни состојби, учество во мировни операции и несебична професионална поддршка на Министерството за здравство при справување со пандемијата со Ковид-19.
Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции се одликува со Орден за воени заслуги за високата професионалност, пожртвуваност и за исклучителниот придонес за извршувањето на задачи при справување и санација на елементарни непогоди, обезбедување на јужната граница за време на мигрантската криза и поддршка во активностите за справување со пандемијата со Ковид-19 во прогласените кризни региони во општините Дебар и Центар Жупа.
OhridNews