Воска Спорт минимално со 1:0 го совлада Охрид во градското дерби што се одигра попладнево на стадионот „Билјанини извори“, во рамки на 17 коло од Втората фудбалска лига – Запад.
Мрежите мируваа во првото полувреме, а гол немаше ниту во регуларните 90 минути во кои Воска имаше нешто повеќе од играта, но Охрид исклучително добро беше поставен во одбрана. Следеа дополнителни 7 минути судиско продолжение, во кои, впечаток е, дека по една сомнителна ситуација во шеснаесетникот на Охрид престрого беше досуден пенал од кој Воска преку Емини стигна до минимална победа и вредни три бода во трката за пласман во Првата лига.
Случувањата во финишот на средбата, која беше тврда и борбена, предизвика негодувања како на теренот, така и на трибините, а судиската четворка со полициска придружба се упати кон соблекувалните.
Иако беше најавено, на дерби средбата не и беше забранет влез на навивачката група Рибари која и денеска ги бодреше своите миленици.
Воска Спорт – Охрид 1-0, Вардар – Тетекс 2-0, Беса – Силекс 0-0, Велешта – Кадино 2-0, Кораб – Гостивар 1-3
ТАБЕЛА:
Силекс 43, Воска Спорт 38, Вардар 33, Тетекс 24, Гостивар 21, Кораб 20, Беса 17, Велешта 17, Охрид 16, Кадино 6
Во следното коло, кое на програмата е на 5 март, Охрид Лихнидос ја пречекува Велешта, а Воска Спорт му гостува на Тетекс.
Г.М.