Битолски Пелистер со двата погодоци на Мартин Андоновски во последните минути од натпреварот го „скрши“ отпорот на Охрид и забележа нова победа во контролните натпревари од зимскиот подготвителен период.

„Рибарите“ за кои ова беше втора тест средба добро им парираа на „зелено белите“ од Битола, кои имаат прволигашки статус. Охрид го претрпе првиот пораз, после воведниот триумф над Јагодина (2-0) на стартот од подготвителните мечеви.

Жестоко реми на Струга ТЛ и Работнички на „Билјанини Извори“

Без голови и без победник заврши дуелот помеѓу Струга Трим Лум – Работнички, кој двете екипи го одиграа на СРЦ „Билјанини Извори“.

Погодоци немаше, но страстите зоврија и ја прелија чашата. Блиска средба во првиот дел имаа голманот на Струга Трим Лум Урош Ѓуриќ и дефанзивецот Клисман Цаке од едната и браќата Лука и Марио Станкоски од другата страна.. После смирување на страстите четворицата фудбалери беа испратени во соблекувалните, а на нивно место влегоа други играчи.

Струга Трим Лум во 80-та минута остана со фудбалер помалку, откако црвен картон доби еден играч. Работнички не ја искористи бројчаната предност и мечот заврши со почетниот резултат, 0-0.

OhridNews
Фото: Архива