Ракометарите на Охрид со пораз од Пелистер 30-26 (17-10) ја завршија најдобрата полусезона во Супер лигата во клупската историја.


Домашните ракометари мотивирано и без респект го започнаа мечот против Охрид што им донесе опипла предност на средината од првиот дел.

„Зелено белите“ продолжија во исто темпо и до крајот на полувремето стигнаа до највисоки седум погодоци (17-10).

Охриѓани во вториот дел предводени од Дарко Павловиќ (10 голови) во нападот во неколку наврати намалија на четири голови, но не успеаја да го скршат отпорот на домаќините.

Пелистер со мини серија околу 50-та минута од мечот се одлепи на нови шест голови, а „гладијаторите“ до финишот само го ублажија поразот.

Павловиќ беше најефикасен со десет погодоци, шест реализираше Печенковски, а по четири пати прецизни беа Вражалица и Кежиќ додека Колев имаше 13 успешни интервенции.

Поразот од Пелистер, ракометарите на Охрид ќе ги чини пад на една позиција на табелата и полусезона ќе ја завршат како третопласирани после Прилеп и Металург.

Мх.П.