Ракометарите на Вардар имаат малку време да се израдуваат и опорават од завршницата во ракометна СЕХА лига која ја покорија по трет пат, бидејќи ги очекува пеколен натпреварувачки ритам во плејофот од Супер лигата.


„Црвено црните“ кои со пораз од Металург ги започнаа натпреварите во завршницата од елитната ракометна лига во Македонија ќе одиграат три мечеви во три дена.

Првиот противник на „вардарци“ ќе им биде составот на Еурофарм Работник со кој силите ќе ги одмерат в среда во реновираната сала „Младост“ во Битола.

Во четврток скопските ракометари на домашен терен ќе се сретнат со битолски Пелистер, додека в петок со почеток во 18 часот Вардар со гостување во Охрид го завршува пеколниот натпреварувачки ритам.

Натпреварите од плејофот во Супер лигата на „вардарци“ ќе им послужат како последни проверки за четвртфиналниот двомеч со Фленсбург во Лигата на Шампиони во кој влогот е билет за Ф4 турнирот во Келн.

Мх.П.