Македонија ја зафати топлотен бран од Африка кој ќе биде проследен со високи температури кои викендов се очекува да го надминат 40 степен на Целзиусовата скала. Поради тоа Владата вчера прогласи кризна состојба која ќе трае во наредните 14 дена со можност таа да биде продолжена доколку има потреба.

Министерството за труд и социјална политика донесе одлука за скратување на работното време на јавните установи и претпријатија од 7-13 часот, а во истиот период ќе работат и градинките. Ова може да биде проблем за родителите кои работат во приватниот сектор бидејќи тој не е обврзан да ја почитува владината препорака за скратување на работното време. На оние субјекти кои работат на отворено им се препорачува работата да ја изведуваат двосменски наутро до 10 и попладне после 18 часот.
 
Координативното  при  Центарот за управување со кризи  донесе повеќе мерки за намалување на штетните ефекти врз здравјето на граѓаните :

1.Во здравствените установи каде што се згрижени лица од вулнерабилните групи да се одржува температура под 26 степени Целзиусови, а ако тоа не е можно во сите простории во сите простории за вулнерабилната група да се обезбеди соодветен простор.

2. Од утре да се воведе скратено работно време од шест часа во услови на континуирана висока температура до следната одлука на Владата.

3. Вработените кои работат во затворени простории кои не се директно изложени на сончево зрачење да работат од 7 до 13 часот. Вработените кои работат на отворен простор и се директно изложени на сончево зрачење да работат од 7 до 11 часот и од 18 до 20 часот.

4. Бремените жени да бидат ослободени од работа за време на високите температури.

За време на топлите денови да се избегнуваат какви било напорни активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности, особено во најжешкиот период на денот, да се носи светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и капа, да се внесува помала количина храна, а посебно помалку масна храна, и да се внесува голема количина течности, почнувајќи од обичната вода за пиење до минерализирани безалкохолни пијалоци.

Ова се препораките на Републичкиот завод за здравствена заштита, од каде што информираат дека  во веток на ваквите екстремно топли денови, децата, старите лица, хроничните болни и бремените жени треба да останат повеќе во затворени простории, пред се климатизирани, а неопходните работи да се завршуваат до 10 часот наутро или попладне по 17 часот.

Според Републичкиот завод за здравствена заштита, граѓаните треба да  одбегнуваат алкохолни пијалоци, пијалоци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалоци или консумирање поголема количина шеќер. При неопходен престој на отворен простор во овој период, се препорачуваат почести одмори под сенка и да се избегнува директен престој на сонце.

Посебно дисциплинирани по однос на овие препораки треба да бидат хроничните болни, на кои им се препорачува редовно да ја примаат терапијата и задолжително  да го консултираат својот матичен доктор.
Во просториите каде се престојува треба да се затворат прозорите и да се затемнат во текот на денот, а проветрување да се врши во текот на ноќта кога ќе се намалат надворешните температури.

ohridnews