Милиони луѓе останаа без храна, вода и струја, а голем дел и без покрив над глава. Во земјата се подигнати 2000 спасувачки кампови, а поради големи оштетувања на инфраструктурата отежнат е дотурот на помош. Болниците се преполни, а персоналот спие покрај повредените, јавуваат светските медиуми.
Земјата во Јапонија сеуште се тресе, а дополнителна загриженост предизвика хаваријата во нуклеарната централа во Фукушима. Иако реакторите се исклучени постои голема опасност од нивно прегревање и топење на атомското јадро, поради што јапонските експсерти побараа помош од Меѓународната агенција за атомска енергија.
Нашиот соработник од Токио, Адријан Битрак јавува дека состојбата во нуклеарната централа по експлозијата што ја предизвика водородна пареа е се уште напната и се менува од миг во миг. Оштетувањата на нуклерките се должат на разорното цунами кое според кажувањата на преживеаните се појавило многу брзо после земјотресот. Брановите биле високи 10-12 метри, а време за бегање немало. Најпогодена е областа Мијаги каде се претпоставува дека настрадале помеѓу 10 и 20.000 луѓе
Во акцијата за спасување вклучени се 100 000 војници, а помош пристигнува од сите страни на светот. Воведени се рестрикции на струја, а за прв пат по 50 години познатата Tokio Tower остана неосветлена.