Пејачот на групата Ајрон Мејдн, Брус Дикинсон, се лекува од рак на јазикот, објави британскиот бенд на својата официјална веб страница. Како што пренесуваат агенциите, туморот е откриен при рутински лекарски преглед во декември минатата година. Во соопштението на популарниот хеви метал бенд стои дека вчера бил последниот ден од седмонеделната хемотерапија и зрачење. Со оглед дека ракот бил откриен во рана фаза, прогнозите за среќа се исклучително добри. Веста е објавена заедно со фотографија на која Дикинсон е снимен на концерт окружен со оган.

 

Бендот исто така најавил дека кон крајот на мај ќе ја извести јавноста за новите детали околку здравствената состојба на 56-годишниот пејач. Во соопштението се наведува и дека на Брус ќе му бидат потребни уште неколку месеци за целосно да закрепне. Основан во 1975 година, составот Ајрон Мејдн продал 80 милиони албуми ширум светот и освоил бројни награди, со што станал еден од најуспешните хеви метал бендови на сите времиња.