Фијат Цаноски основачот на Партијата за Европска иднина повторно е резибран за лидер на ПЕИ на третиот конгрес што се одржа во Струга на тригодишнината од формирањето на партијата. Резимирајќи го оствареното во изминатите три години, Цаноски истакна дека ПЕИ докажала дека не е партија за една употреба, со тоа што има свој пратеник во Македонскиот парламент кој ги застапува 120-те илјади торбеши во земјава, како и со учество во минатата и оваа влада.

Претстојните локални избори ќе бидат од пресудно значење за ПЕИ, порача Цаноски кој остави простор за коалицирање и на локалните и на претседателските избори, не конкретизирајќи притоа со кои партии би соработувале. – ПЕИ се стреми да освои што повеќе советнички места на локалните избори, а и неколку градоначалници да добиеме од нашите редови како на пример во општините Ростуше, Дебар, Жупа, Пласница, Долнени и Студеничани.

Во Струга, каде околу 25 проценти од жителите се членови на нашата партија и каде имаме голем број на гласови, во договор со некоја од партиите кои сеуште не ги откривам, и со кои се финализираат преговорите, можно е да имаме и наш кандидат за градоначалник. – изјави лидерот на ПЕИ Цаноски по партискиот конгрес во Струга.

Осврнувајќи се и на позитивните резултати и на грешките, Цаноски подвлече дека и натаму главни заложби на ПЕИ ќе бидат економскиот развој, отворањето на работни места и просперитетот на жителите на подзаборавените региони посебно во југозападниот дел во земјава каде што живее население со мајчин Македонски јазик и исламска религија, каде како учесник во власта оваа партија донесла 60-тина проекти за подобар живот .

Нина Кепеска