По одбивањето на приговорите на неделните избори за градоначалник на Струга од страна на Државната изборна комисија, лидерот на ПЕИ и кандидат за градоначалник, Фијат Цаноски, најави протести на неговите симпатизери и поддржувачи.
Во изјава за А1, Цаноски рече сека револтот во Струга е голем уште од неделата навечер кога се дознало за се што се случувало на изборите.
– Кај мене доаѓаат стотици, илјадници повици, луѓето револтирани сакаат да излезат по улици да го кажат својот револт спрема овој изборен фалсификат.Јас сепак успеав да ги задржам граѓаните да не излегуваат, но ќе ги повикаме сигурно не во Струга, тука во Скопје да дојдат, да го искажат својот револт за овие нерегуларности што се направија, а за тоа ќе бидат дополнително известени, изјави Цаноски за А1.
Лидерот на ПЕИ изрази незадоволство од начинот на работа на ДИК, најавувајќи дека во законскиот рок од 48 часа ќе биде поднесена жалба до Управниот суд. Како што веќе објавивме, Државната изборна комисија ги одби сите приговори на ПЕИ, кои се однесуваат на неделниот втор круг од изборите за градоначалник на Струга, освен за 4 избирачки места за кои е побаран дополнителен увид во избирачките материјали. Дури потоа комисијата ќе се изјани по тие приговори.