Во 2008 година во Македонија се регистрирани 83 кривични дела од областа на сексуалните деликти извршени од страна на  95 сторители врз  вкупно 99 деца или малолетници. Ова го покажуваат анализите на Министерството за внатрешни работи.

Во 2007 година се регистрирани 61 кривично дело, извршени од страна на 73 сторители над 79 малолетници и деца. Оваа појава бележи пораст на делата од 31,6% во однос на 2008-ма, а тоа пред се се должи на фактот што од година во година, педофилијата предизвикува се поголем медиумски интерес, кој ја извади на површина оваа девијантна појава која отсекогаш постоеше, но беше третирана како табу тема.

Гледано по дела, најзастапено е делото “полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“, кое е речиси на исто ниво секоја година. Забележан е пораст само на делата – “задоволување полови страсти пред друг“ и “подведување и овозможување полови дејствија“.

Најголем број од регистрираните сексуални деликти извршени над малолетници се “полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“- 52 кривични дела, што се на исто ниво како и во 2007-ма, од кои најмногу се извршени на подрачјето на Скопје – осум дела, а во Охрид само едно.

Податоците од МВР говорат дека сторителите се од машки пол и најчесто на возраст од 18 до 35 години. Најстариот е на возраст од 73 години, а најмладиот има само 11 години. Како жртви на ова кривично дело се 48 девојчиња и 10 момчиња, од кои најмалото девојче е на возраст од шест години, додека момчето е на возраст од пет години. Карактеристично е дека жртвите, во најголем број случаи потекнуваат од социјално загрозени семејства, а пет од нив се штитеници на институции за згрижување на деца. Според местото, делата почесто се извршувани во рурални средини и на отворен простор, а според начинот на извршување сторителите најчесто ги намамувале децата со давање помали износи парични средства и со лажни ветувања, без примена на брутални методи, освен во еден случај во Виница кога сторителот заради заплашување употребил огнено оружје. 

Охридската јавност беше згрозена и од неодамнешната вест во која Секторот  за внатрешни работи информира дека против 25-годишен охриѓанец е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“.

На 10.01.2009 година во Охрид пријавениот Д.С. однел 12-девојче во напуштена куќа, со кое инаку  претходно се познавал и извршил обљуба врз него.

Ohridnews