Со повлекување на педалинките во вода, сопствениците во Струга ги спречија надлежните да им ги одземат. Со тоа, обидот на комуналните инспектори за одземање на педалинките, и покрај полициската асистенција, заврши неуспешно. Налогот за одземање на педалинките претходно, беше издаден лично од градоначалникот Рамиз Мерко.
- Направивме записник во петокот, им дадовме налог да поднесат барање, но до сега ниту еден нема поднесено барање, вели комуналниот инспектор Амер Алиет.
Сопствениците на педалинки тврдат дека инспекторатот не ги почитува одлуките на советот, кој на последната седница не го прифати барањето на локалната самоуправа за забрана за користење на овие средства за рекреација на струшките плажи, кои се водат како урбана опрема.
- Не се почитува одлуката на советот, се праќаат инспектори, полиција, а знаеме сите дека на крајбрежјето плажите не се издадени под концесија.
- Инспекторите не го почитуваат одлученото од советот,
- Дојде еден од комунална инспекција и ми рече: ќе земам бензин и ќе ти ги запалам педалинките, велат сопствениците на педалинки.
Градоначалникот Рамиз Мерко потврдува дека до општината не е поднесено ниту едно барање за добивање дозвола за работа, но и да се поднесат, како што вели, одобренија нема да бидат издадени. Како што потенцира, причината е што овие пловни објекти не се безбедни, а при несреќа сопствениците избегнуваат одговорност.
Државата и покрај најавеното преземање на ингеренциите над плажите на Охридско – струшката ривиера, како и нов закон со кој ќе се уредува оваа сфера, сеуште не го има реализирано ваквиот најавен чекор.
OhridNews