Некогаш ниви кои ги обратуваа локалните жители, на каскадните тераси на езерскиот брег во Радожда, струшко, сега никнуваат бетонски огради и потпорни ѕидови од кои се издигаат железа кои најавуваат нови градби на само неколку метри од водата.
Земјиштето е приватно велат мештаните. Селаните го продаваат, а го купуваат бизнисмени, актуелни функционери, но и странци, а некои од нив поседуваат и куќи во Радожда.
Беа слободни места и сега на некому можеби му притребало и гради, нема гајле, не се ни плаши. Нe е како порано. Има нови градби, ама се’ се тоа странци, не се од Радожда. – вели жител на селото.
Сопствениците на атрактивното земјиште во Радожда не сакаат да зборуваат за нивните намери, но тврдат дека поседуваат сооддветни документи и ништо не прават незаконски. Жителите на Радожда, пак, се загрижени дека со евентуална изградба на нови објекти дополнително ќе се оптовари ионака лошата комунална инфраструктура во селото. Не знаат кој се поседува плацеви во нивното село, но знаат кој може да гради.
Гради тој што има пари, а ние колекторот уште го чекаме. Сите влади ветуваат, ама никоја не сака да го изгради, уште 4 километри останаа, толку. – рече друг жител на Радожда.
Неодамна на струшкото крајбрежје беше извршен вонреден инспекциски надзор, кој не утврди узурпација на земјиште и незаконско градење. Спротивно на инспекцискиот наод граѓаните и екологистите секојдневно на социјалните мрежи објавуваат фотографии и алармираат дека се бетонира езерското крајбрежје. Министерството за транспорт на почетокот од годината одлучно најави дека ќе го преземе стопанисувањето со крајбрежјето на Охридското и другите езера во земјата, но законот се уште не го минал филтерот во парламентот. Во меѓувреме урбанизацијата на свтетското природно наследство заштитено од УНЕСКО продолжува.
Г.М.