Ги прифаќаме промените кои ги носи новото време, но минатото мора да се почитува. Илинден е темелник на македонската држава создадена со многу борби и саможртва. Пред сегашната генерација е борба да изградиме подобар Охрид за сите. Ова го истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, по повод празникот Илинден.
Нема народ без минато, без сопствена историја, а нашата е богата со крв и саможртва, со востанија и револуции, по кои изгревало сонцето на слободата. Секоја генерација има своја борба, секое време носи промени, нив ќе ги прифаќаме но само со почитување на минатото и врз таа основа ќе ги учиме и насочуваме нашите деца. Нашата денешна борба е да создадеме развиен Охрид, град кој ќе биде спокојно и привлечно место за живеење за сите охриѓани и привлечен туристички центар за бројни гости од земјава и странство. Нека се честити двата Илиндена 1903 и 1944, стои во празничната честитка на Пецаков.
Тој посака и во иднина да славиме за празници и обележја кои, како што рече, „се потсетник на македонското во нас и на нашата единствена татковина, Република Македонија.“
Денес, чувствата се силни, дамарите бијат зошто со мислите се враќаме во едно дамнешно време во кое поважна била татковината од сопствениот живот. Горди, исклучително горди не прави Илинденскиот манифест на којшто многу често се навраќал нашиот Гоце Делчев, а во кој се вели „Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи, истакна Пецаков во обраќањето по повод Илинден.
Градоначалникот на Охрид синоќа присуствуваше на одбележувањето на празникот Илинден во Велгошти. Тој се обрати на манифестацијата „Ноќ спроти Илинден“, што се одржа пред спомен обележјето не Илинденци во село Велгошти каде цвеќе положија бројни делегации. Историски осврт кон Илинденското востание и неговото значење одржа м-р Михаил Патчев, а настанот беше збогатен со пригодна културно-уметничка програма.
Г.М.