Состојбата во јавните установи е стабилна, завршени се контролите на ноќните клубови, дискотеките и кабареата. Редовни се контролите во угостителските објекти во поглед на урбаната опрема за која поднесуваат елаборати, а во станбените објекти се работи на оспособување односно ставање во функција на хидрантската мрежа, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, во врска со засилените инспекциски контроли кои се реализираат деновиве по несреќата во Кочани, на територијата на целата држава.
Во изминатите 4-5 години во најголем дел од образовните институции со извршените реконструкции беа потребни и елаборати за противпожарна заштита и истите се контролирани од страна на инспекторот на Дирекцијата за заштита и спасување. Сите недостатоци доколку ги имале, минатата недела имаше состанок од страна на лицето вработено во Општина Охрид за безбедност заедно со претставници на училиштата, ќе бидта отстранети, но генерално состојбата во јавните установи, основните, средни училишта, градинки и спортски сали е во ред, посочи Пецаков.
Контролите на угостителските објекти поврзани со делот за урбаната опрема, вели, се редовни овој период со оглед дека сега се поднесуваат елаборати за користење на урбаната опрема и квадратурата која ја определува Советот на Општина Охрид по однос на Годишната програма за урбана опрема.
Тие се редовни и се одвиваат со доставување на Елаборатот за добивање на годишната програма за урбана опрема. Во однос на станбените објекти, кои се раководени или од претседатели на Совет на станари или имаат фирма која управува, во овој период се работи на оспособување или ставање во функција на хидрантската мрежа. Посебно тие кои живеат во згради за колективно домување, најчесто хидрантите се нефункционални, се вон упореба, без црева, уништувани низ годините. Во принцип таа состојба треба драстично да се промени, иако Општината е таа која треба да препорача, зошто други се законите, инспекциите кои ги контролираат, вели градоначалникот Пецаков.
Посочи дека случајот со трагедијата во Кочани покажува, покрај индивидуалната одговорност, одредени слабости во системот по однос на добивање лиценци за објекти кои не заслужуваат или добивање на лиценца со т.н фалсификат и ред други работи кои се покажаа како слабост со овие првични контроли.
Ова е моментот кога генерално системот наназад функционирајќи покажал слабости и потфрлил, па сега е време за секој недостаток кој постои, а немора да е поврзан со вакви случаи да се препровери и сето тоа да биде исконтролирано.
Пецаков истакна дека веќе се завршени контролите на ноќните клубови, дискотеките и кабареа. Сите кои имале лиценца за кабареа или диско клуб во 2023 и 2024 година биле исконтролирани од страна на инспекциските служби составени од полиција, финансиска полиција, инспектор од Дирекција за заштита и спасување и Пазарната инспекција.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска