Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, во друштво на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претставници на локалната самоуправа, денеска се во увид на градежни активности за реализација на проектите кои, како што беше кажано, ги ветиле на охриѓани.
Во текот на денешниот ден ќе посетиме три локации каде се одвиваат градежни активности. Веќе бевме во увид на изградбата на спортската сала во основното училиште во Лескоец, во касарната ќе извршиме увид на реконструкцијата на старата зграда на Касарната и градење на новата локација на ОУ „Кочо Рацин“ и наспроти ОУ „Кочо Рацин“, веќе се наѕираат контурите за најголемиот авантуристички парк во Југоисточна Европа, со што ние како Охрид и охриѓани треба да се гордееме зошто вложуваме во содржини кои ќе ја подобрат не само туристичката понуда, туку и забавата. Покрај на овие три локации, градежни активности се одвиваат на уште три. Со подобрување на временските услови продолжуваме со реализација на проектите кои ги ветивме. Со последната година од мандатот мој како градоначалник, најголем дел од програмата која ја ветивме пред охриѓани ќе ја заокружиме, рече Пецаков.
Градежните активности и реализацијата на проектите во Oпштина Охрид продолжуваат со несмалена динамика, истакна Мицкоски.
Градоначалникот Пецаков заедно со тимот, администрацијата, советниците кои ја поддржуваат работата на градоначалникот Пецаков по оној историски момент кога ја одблокира општина од децениски долгови и неколку јавни претпријатија продолжува со несмалена динамика да ги реализира ветувањата кон граѓаните, ги подобрува условите во Општина Охрид и ја збогатува туристичката понуда нешто што му е важно на Охрид. Она кое е денес предмет на нашата посета е увид во градежните активности во 3 клучни проекти спортска сака, училиште и авантуристички парк. Јас само можам да посакам на овој прв ден од кампањата за парламентарните избори да посакам уште многу вакви проекти, рече Мицкоски.
Додаде дека амбицијата на градоначалникот Пецаков е огромна и неговата желба да направи проект повеќе за охриѓани е огромна и таа желба, потенцираше Мицкоски, ќе биде уште поинтензивна откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада и ќе се реализираат уште поголем број проекти, дури и проекти кои се за доброто на охриѓани, а истовремено можеби не биле дел од ветувањата во кампањата за локалните избори во 2021.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ вечерва традиционално со голем народен собир во Охрид ја започуваат кампањата за парламентарните избори од Охрид.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски