Охрид, со својата историја, култура, природни убавини и туристички потецијали е многу значаен центар на Македонија и затоа заслужува да сјае како вистински бисер на развојот, во секоја сфера од живеењето. Со големо задоволство, можам да кажам дека како посветена локална власт, во изминатите три години гордо чекориме по зацртаниот пат за напредок и обезбедување подобри услови во сите урбани и рурални средини. Ова денеска на прес конференција во партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ во Скопје го истакна градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Од десетте приоритетни проекти кои ги ветивме на почетокот на мандатот, девет проекти се финализирани или се во напредна фаза на реализација. Ова претставува исклучителен успех кој ја потврдува мојата доследност и големата ангажираност на тимот со кој работам, рече Пецаков.

Како прво и најважно, би сакал да потсетам дека Општина Охрид беше најзадолжена општина во државата, но со голем труд и финансиска дисциплина, успеавме да го завршиме процесот на раздолжување и да ја одблокираме сметката. Сега општината може да гради буџет на здрава основа и е подготвена за капитални инвестиции, големи проекти и користење на средствата од меѓународни фондови.

Реализиравме низа проекти за изградба и реконструкција на комуналната и сообраќајната инфраструктура. Дваесетина градски улици и голем број локални патишта добија нова функционалност, симболизирајќи ја обновата на Охрид како урбана и модерна заедница. Современ лик добија улиците „Македонски Просветители“ и „7-ми Ноември, а улицата „Гоце Делчев“ е во завршна фаза од реконструкцијата. Поставивме асфалт на педесетина локации во сите рурални средини, изградивме потпорни ѕидови, поставивме нови водоводни линии и системи за отпадни води. Го ставивме под контрола урбанистичкото планирање и завршивме илјадници предмети за легализација кои беа заглавени со години, посочи Пецаков.

Особено внимание посветивме на образовните институции, знаејќи дека се тие камен-темелник за иднината, додаде тој

Тука се голем број проекти за реконструкција на објектите од средното образование, економското училиште и гимназијата, каде што се инвестирани значителни средства. Исто така, го решивме проблемот со ООУ „Кочо Рацин“ кое наскоро ќе биде дислоцирано во нови современи простории во Охридската касарна. Градиме нова спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец и извршивме комплетна реконструкција на ООУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани, кажа Пецаков.

Во насока на обезбедување на подобри услови за спортскиот развој на децата, изградивме нови спортски и детски игралишта и комплетно ги реконструиравме постоечките. Отворањето на првиот Младински центар во Охрид ја покажува вистинската грижа која ја имаме за младите. Со овој проект нашата општина стана лидер и пример за креирање на младински политики во Македонија, потенцираше градоначалникот на Охрид.

Бевме исклучително посветени на културната дејност и развојот на спортот и поддржавме низа важни манифестации и настани. Тука би сакал да ги издвојам Фестивалот на вино, Ohrid Water Festival и Охридскиот џез фестивал, како нови содржини кои ја збогатија туристичката понуда на Охрид, надвор од шпицот на летната сезона, смета Пецаков.

Пецаков изрази благодарност до граѓаните за довербата, соработката и поддршката, додавајќи дека пред градот стојат нови предизвици и дека локалната самоуправа ќе продолжи да работиме за подобра иднина на Охрид.

 

OhridNews