Масовното одбележување на празникот Богојавление – Водици во Охрид почна на почетокот од 90-те години од минатиот век на иницијатива на група патриоти и почитувачи на традицијата обединети во здружението Богојавление. Празникот покрај духовна, доби и културна димензија, а набрзо со добра промоција и туристичка димензија привлекувајќи голем број гости од земјава и странство. Се почнуваше уште во декември на празникот Пречиста кога се избираше кумот на Водици, а до празникот имаше бројни промотивни активности. Атмосферата кулминираше на Богојавление со голем црковно – народен собир и богата културна програма.
Оваа традиција беше прекината пред неколку години, а по откажувањето на здружението Богојавление, организацијата на настанот ја презедоа црквата и локалната самоуправа. Празнувањето на Водици во Охрид и натаму е величенствено, но впечаток е дека настанот има голем потенцијал да придонесе во развојот на таканаречениот верски туризам по примерите на многу такви места во регионот и пошироко, кој се уште не е доволно искористен.
На ова укажува и анкетата што за сопствени потребни изминатите десеттина дена ја спроведе Охридњуз. Мнозинството од испитаниците, односно 66% од нив сметаат дека Концептуално одбележување на Водици со креативна понуда, кумство и поголема промоција, ќе донесе повеќе гости во Охрид.
Организацијата на целата манифестација околу празникот Богојавление Водици во Охрид треба да се воздигне повеќе, рече градоначалникот Кирил Пецаков одговарајќи на новинарско прашање.
Ова треба да биде централна манифестација, тука немам дилеми. Но, ние си имаме владика, владиката Тимотеј и ние треба како држава да направиме многу повеќе за овој настан, не заради нешто друго, туку затоа што има сериозен потенцијал. Размислуваме дека оваа манифестација треба да се воздигнува полека, на кој начин и како ќе го направиме во иднина не сум во моментов баш сигурен, но размислуваме дека треба за нијанса едно поголемо влијание затоа што покрај верски има и огромен туристички потенцијал за Охрид. Не дека го немаме но, претежно ни се поврзани со туристи кои ни се од Македонија, од останатите градови, а има многу многу поголем потенцијал, рече Пецаков.
Потенцираше дека се размислува за промоција на настанот за одбележувањето на овој голем верски празник и надвор од државата со цел привлекување на што повеќе туристи и однадвор.
OhridNews