Основниот буџет на Општина Охрид за 2025 година изнесува 1.210.850.000,оо денари, додека вкупниот буџет 1.957.195.223,оо денари (31.8 милиони евра). Станува збор за историски најголем буџет на општината кој на денешната одржана педесет и прва седница на Совет беше изгласан од страна на советниците со 15 гласа за, 3 воздржани и 1 глас против.

Доставени беа три амандмани од кои два беа прифатени и се однесуваа на Програмата за уредување на градежно земјиште со кои се врши пренамена на средстава за учество на општината во финансирањето за изградба на филтри на пупмната станица во Метропол и обезедување дополнителни средства за реконструкција на водоводната линија од Кленоец до Леарница.

Со оглед дека отсуствуваат поголемите проекти кога се разгледува буџетот наликува како да разгледуваме еден ист буџет четири години последователно, посочи советничката од СДСМ и коалицијата Живка Ангелоска.

Секој буџет е полн со субвенции, со трансакции. Субвенциите кои се издвојуваат за јавните претпријатија претставуваат голем товар во однос на буџетот. Треба поголемо системско решение за јавните претпријатија. Секогаш кога ќе заврши тековната година поголемите капитални проекти од изборната програма на градоначалникот се поместуваат во наредната година, рече Ангелоска.

Како советничка група на СДСМ и коалицијата, истакна, не дале амандмани со кои ќе предложат одредени активности и проекти во програмите за 2025 година со цел да им се дадеме можност на градоначалникот и локалната власт во финишот од својот мандат да ги реализираат проектите кои ги ветиле пред граѓаните.

Ниеден поголем проект ветен во нивната програма не е целосно реализиран.  Редно е на буџетот еден од креаторите да бидат граѓаните, затоа што тие најдобро знаат што им е потребно. Во моментот кога граѓаните ќе го креираат буџетот ќе кажам дека Општината го имала приоритетот на граѓаните. Не мислам дека се погодени приоритетите зошто Охрид е неколку пати во најзагадените градови во Македонија, имаме населби каде граѓаните немаат пристап до своите домови… Приоритетите на Охрид зависат од тоа кој ги изготвува проектите, додаде Ангелоска.

Градоначалникот Кирил Пецаков по однос на проектите посочи дека реалноста е иако е изготвена проектната документација и ревносно се работело за добивање одобренија, истите се одложувани и сега има првпат можност да се разговара за нормални забелешки.

Од денешен аспект со плоштадот „Крушевска Република“ е завршена приказната по однос на добивање на одобрение. Вчера се пратени последните направени измени и се надевам дека работата е веќе завршена со конзерваторското одобрение. Во однос на катната гаража, меѓудругото беше споменато и дека не бил проект од јавен интерес. Доаѓа крајот на мандатот за отприлика година дена каде на самата отчетност треба да разговараме дали проектите се завршени, дали не, што сме ветиле и завршиле, а што сме ветиле, не сме го завршиле и зошто не сме го завршиле и дали се обврзуваме дека во наредните четири години би се направило тоа, рече Пецаков.

Воедно истакна дека до сега во историјата на Општина Охрид е донесен најголемиот буџет, а две години со ред се пренесуваат средства во новиот буџет.

Донесен е најголемиот буџет во историјата на Општина Охрид, перспективен, развоен кој ќе значи многу за Охрид. За споредба, го започнавме во 2022 година буџетот со околу 580 милиони денари сопствен приход за да стигнеме сега да имаме заедно со пренесеното салдо, покрај годишниот буџет и пренесеното салдо, милијарда денари. Општина Охрид втора година со ред, 2023 и 2024 уште на почетокот на ноември остваруваше 100% од приходната ставка на буџетот и двете години со ред пренесувавме салдо во новиот буџет кој можевме да го планираме. Првата година го искористивме за одблокирање на Општина Охрид, зборувам за 2024, а годинава 200 милиони денари плус ќе ги пренесеме најмногу за капиталните инвестиции, но и поединечно по ставки во животна средина, туризам, локален економски развој, спорт, култура, социјална заштита… Би рекол дека Општина Охрид после многу години застанува на здрави нозе посебно од финансиски план и пред нас е еден период, не само оваа година и наредните години на инвестициски бум по однос на капиталните инвестиции, додаде Пецаков.

Советниците ги поздравија зголемувањето на средставата во програмите за животна средина и спорт, каде посочија дека за животна средина средствата колку и да се зголемуваат нема да се доволни, а за спорт дека е добро што се одвојуваат и средства за капитални инвестиции.

За споредба основниот буџет за 2024 година изнесуваше 978.170.000 денари, додека вкупниот 1.656.675.214 денари.

Н.С.Ј.