Реализацијата на капиталните проекти во Охрид кои беа приоритет во изборната програма на градоначалникот дел од советничките прашања кои беа упатени до градоначалникот Кирил Пецаков на денешната одржана седница на Совет.
Советничката Живка Ангелоска истакна дека со оглед на промените во централната власт, која како што посочи, наводно ја опструраше и бојкотираше реализацијата на проектите соодветно е да се знае до каде е нивната реализација, особено на капиталните проекти.
Дали може да очекуваме реализација на некој од поголемите проекти кои беа во изборната програма, меѓу нив и приоритетни. Тука мислам на катната гаража, реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“, велосипедската патека Охрид-Свети Стефан, ново современо училиште, градинка, пловен објект за чистење на Охридско Езеро, бесплатен јавен превоз за пензионерите во одделни денови… Можеби е преамбициозно да ве прашам кога ќе се реализираат, но сметам дека е посоодветно да знаеме кога ќе почнете да ги реализирате?, праша советничката Живка Ангелоска.
Градоначалник на Општина Охрид, Кирил Пецаков во однос на програмата и приоритети, посочи дека има десет проекти кои во истата се посочени како приоритети.
Ќе имате отчет во кој ќе видите што од Програмата е реализирано, до каде е сработено и како. Но, најбитно е дека кога ќе дојде време за локални избори од тие десет капитални проекти кои беа во програмата ќе имам проблем и нема да биде реализиран само еден, а тоа е реконструкција на Студенчишко Блато бидејќи тоа е процес кој не можам да речам дека заглави, бидејќи година дена е во собраниска процедура. Станува збор за процедура каде треба да се донесе Закон за Студенчишко Блато и врз основа на тоа менаџмент план за управување со Студенчишкото Блато, да се постават ренџери … Од 10 проекти девет ќе се или завршени или во завршна фаза, посочи Пецаков.
Во поглед на посочувањето на советничката Ангелоска дека биле изнесувани ставови за наводно кочење на проектите од централната власт, Пецаков посочи дека има документација со која тоа се докажува.
Во поглед на катната гаража сега го сменивме и Законот, за да се знае кои проекти се од јавен интерес и за кои се олеснува постапката. Добивањето на конзерваторското мислење е исто така подолга процедура. Имавме и различната перцепција со министерствата во поглед на реконструкцијата на плоштадот Чинар. Имавме безброј дописи и преписи за да стигнеме до конзерваторски испитување, па период да се чека конзерваторско одобрение од Министерство за транспорт… и тие се безброј преписи. Проектите беа блокирани, додаде Пецаков.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски