Охридскиот ракометен состав во името на Горан Печенковски го доби второто засилување за сезоната што доаѓа во Супер лигата.


Средниот бек кој во Охрид се пресели од тимот на Преспа од Ресен треба да биде засилување за ранливите позиции од минатата сезона. Првото засилување беше искусниот чувар на мрежата Кирил Колев кој пристигна од Зомимак.

– Многу сум среќен што доаѓам во РК Охрид 2013. Оваа година клубот има повисока цел и се надевам дека јас ќе имам придонес во нејзиното остварување, рече Печенковски по потпишувањето на договорот.

Откако клубот доби поголема финансиска поддршка од Општината и спонзорите апетитите и целите кај управата веднаш пораснаа.

– Задоволство е во своите редови да го имаш еден од подобрите средни бекови во Македонија. За нас прифаќањето на Печенковски да игра за РК Охрид 2013 претставува мотив и чекор плус кон остварувањето на годинешната мисија, а тоа е клубот да котира на повисоките места на табелата во ВИП машката Супер лига. Полека ја комплетираме екипата која ќе настапува оваа сезона, го задржавме костурот на тимот кој е “виновен“ за опстанокот на клубот во Супер лигата, доведовме засилувања кои ќе бидат мотив плус за остварувањето на поголемите амбиции што ги имаме оваа сезона, изјави претседателот на клубот Димитар Спасески.

Мх.П.