Зголемување на платите за 25% во период од четири години, намалување на стапката на невработеност под 10%, домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години и раст на БДП од 4-5% годишно. Ова денеска на прес конференција го најави кандидатот за пратеник од Охрид во 5 ИЕ од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ Кирил Пецаков.

Владата на ВМРО се обврзува да го врати претходниот начин на усогласување на пензиите со што пензиите ќе се усогласуваат и со порастот на просечната плата. Пензиите ќе растат дополнително, при што за еден мандат просечната пензија ќе достигне раст од 20%. Со тоа ќе го вратиме достоинството на пензионерите без да ја загрозиме финансиската состојба на Фондот за пензиското и инвалидско осигурување. Македонија ќе ги следи препораките на Европската комисија за движењата на минималната плата, а со цел да се спречи одливот на работна сила. – рече Пецаков.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека поддршката за граѓаните треба да биде многу посеопфатна кога речиси сите граѓани во Македонија се економски и финансиски погодени од кризата.

Во таа насока, предвидуваме: Обезбедување дополнителна еднократна парична помош во висина од 100 евра за сите вработени лица во државата чии примања не надминуваат 15.000 денари. Обезбедување еднократна парична помош во висина од 150 евра за сите невработени лица кои не добиле помош со мерката за национални платежни картички. Обезбедување еднократна парична помош во висина од 200 евра за сите лица кои ги изгубиле своите работни места поради кризата. – рече Пецаков.

Со овие мерки вистински ќе им помогнеме на нашите граѓани, но истовремено ќе им помогнеме на домашното стопанство и на туризмот, додаде кандидатот за пратеник Пецаков.

OhridNews