Власта во Охрид доби жестока изборна шлаканица од охриѓани затоа што им е доста од изневерени очекувања и неисполнети ветувања, истакна кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Кирил Пецаков.

Тој додаде дека победата во првиот круг се должи на недвосмислената поддршка од граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ, а освоеното мнозинство во идниот Совет на Општина Охрид докажува дека во градот постои надеж и пркос да се создава. Пецаков ги најави промените и проектите за кои ќе се залагаат како локална власт доколку ја добијат довербата на граѓаните во вториот круг.

Иднината зависи од промените кои неизбежно доаѓаат, затоа со народот сме одлучни за промени кои ќе го поддржат позитивното наспроти негативното, ќе донесат квалитет наспроти партизација, работа наспроти неработа. Проекти кои ќе придонесат за подобро живеење на сите, борба за нови работни места, за подобра инфраструктура, за модерно и современо образование, за развиен туризам. За Охрид каков што заслужува да биде во сите сфери од општественото живеење, вели Пецаков.

Тој порача дека не треба да постои никакво двоумење дека резултатот може да биде поинаков освен победа.

Да излеземе и да се избориме сите заедно, сега е времето наше да застанеме цврсто, гордо и достоинствено. Охрид и Македонија се на чекор до конечна победа, заклучи Пецаков.

К.А.