По сите проблеми кои го следеа Охридскиот пливачки маратон и напорите кои се вложија тој да се одржи, утрово осумина пливачи од пет држави успешно ја започнаа трката на патеката „Климе Савин“ долга 25 километри.

Стартот, кој и оваа година традиционално беше кај Св. Наум, го означи градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Имавме успешен старт, прекрасен ден засега и услови за пливање на маратонците. А најважно од се е дека традицијата продолжува и манифестацијата која го прослави Охрид и маратонското пливање во земјата бележи континуитет токму во годината кога одбележуваме 90 години од првиот пливачки клуб во Охрид „Охридски бранови“ и 60 години од првиот Охридски маратон во 1962 година. Следната година манифестацијата  ќе има повеќе содржини и, се разбира, ќе биде побројна. – изјави за OhridNews градоначалникот Пецаков.

Маратонците се очекува да пристигнат на целта во попладневните часови, а нивното време во многу ќе зависи од временските услови и ветрот кој денеска засилено дува во Охрид.

Г.М.