Со концептот За убав град јасно порачуваме дека наш приоритет е работата за потребите на младите во градот и младите повторно да го добијат својот партнер во нас кој секогаш е тука да им помага, рече на денешната прес конференција Кирил Пецаков, член на ИК и координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Потенцира дека заложбата е насочена кон создавање квалитетни спортски кадри и спортисти, кои ќе го промовираат спортот и Охрид како спортски град. Информира дека предизборната програма За убав град предвидува: Младинско спортско лето – Спорт за младите, спорт за сите при што целта ќе биде во летниот период анимирање и организација на повеќе спортски настани и презентација на различни спортови. Понатаму, организација на меѓународен ракометен турнир за сениорски и младински категории.
- Возобновување на ракометниот турнир кој се организираше во Охрид со кој ќе се добие целосно нов туристички производ и можност за збогатување на туристичката понуда на градот и привлекување на повеќе туристи. Организација на меѓународен кошаркарски турнир за сениорски и младински категории. Преку афирмација на сите спортови, спортовите на вода, атлетиката, боречките спортови – Охрид да биде домаќин на европски и светски превенства во различни категории, нагласи Пецаков.
Предвидена е и изградба на 40 станови за млади брачни парови, повторно оформување на Советот на млади и отворање Канцеларија за млади, за спортски град изградба на 30 рекреативни зони, односно 5 тениски терени, 5 мултифункционални игралишта, 20 детски игралишта.