Секогаш кога народот ти дава доверба, чесно и коректно е да работиш во нивни интерес, а не да ја манипулираш нивната доверба. За жал советничката Виолета Аврамоска тоа погрешно го протолкувала, вели во реакцијата градоначланикот Кирил Пецаков на обвинувањата од страна на Левица Охрид за распродажба на Мауцкер за едно евро по квадрат.
Додава дека како луѓе избрани од народот за да не се манипулира нивната доверба потребно е да се запознаат во целост Законите на Република Македонија, правилниците, уредбите и постапките кои се водат во институциите.
Поставувањето на Предлог-програмата за управување со градежно земјиште во сопственост на општината е Законска обврска и таа се носи еднаш годишно. Значи поставувањето на оваа точка на дневен ред не е скандал и воедно тоа не значи дека програмата ќе се рализира во целост. Тоа претставува законска обврска на Локалната самоуправа, вели Пецаков во реакцијата.
Што се однесува, пак, на цената по метар квадратен, вели Пецаков, таа ја утврдува Владата на Република Македонија со Уредба за висина на цената на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија.
Во табеларниот приказ кој е во составен дел на Уредбата детално се прикажани почетните цени на државното земјиште за отуѓување. Тоа значи дека Општина Охрид нема никаква надлежност за утврдување на цената на градежното земјиште, додава Пецаков.
Сакам да им порачам на охриѓани дека помина времето на криминално работење, задкулисни игри и раководење на јавните претпријатија со несоодветни дипломи и можеби токму затоа се бурните реакции на одредени советници, вели во реакцијата градоначалникот Пецаков.
OhridNews