Охрид, старото градско јадро и околните населби мора да се развиваат, но убранизацијата мора да ги следи позитивните законски прописи односно урбанизацијата мора да се спроведува на начин што нема да ги доведе во прашање заштитата на неговата архитектонска препознатливост и посебноста признаени од УНЕСКО, рече на денешната прес конференција, кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Кирил Пецаков.
Сите активности во иднина мора да се спроведуваат согласно законската регулатива, за да не се случува неконтролирана урбанизација во градот. Во насока на правилната урбанизација, гарантираме промени, проекти и победи. Пред охриѓани се обврзуваме на реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ и реконструкција на плоштадот „Св. Климент Охридски“, вели Пецаков.
Пецаков додава дека двата плоштади мора да добијат, нов и модерен изглед, осветлување и кандилабри, фонтана, клупи, канти за отпадоци и друга урбана опрема.
Покрај нив имаме предвидено и реконструирање на постоечките плоштади изградени во време кога со локалната самоуправа раководеше ВМРО ДПМНЕ. За жал, овие четири години, власта ги остави запуштени и неосветлени. Од ,,проектите се во завршна фаза”, па ,,проектите се готови” и ,,е аплицирано за одобрение”, сега гледаме едно големо ништо, вели Пецаков.
Јавните површини мора да добијат современ лик, каков што му доликува на Охрид, како главен туристички центар.
Н.С.Ј.