Вековната борба зачната од визионерите чија храброст и идеи ги славиме на 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба, сè уште трае и ќе продолжи со промените за нашиот Охрид и нашата татковина, Република Македонија. Ова е наша заедничка борба. Ова е борба на народот против оваа корумпирана, арогантна и неспособна власт, а ние сме сегашните вистински херои на оваа земја. Ова вечерва во обраќањето на Долни Сарај го истакна кандидатот за градоначалник на Охрид на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Охриѓани заслужуваат среќа, а надежта покажана во првиот круг е токму патот кон таа среќа. Докажавме дека постои надеж и пркос, да се создава и дека не се плашиме да веруваме во себе и во иднината на нашите деца. Таа иднина зависи од нас и од промените кои неизбежно доаѓаат. Промени за поддршка на позитивното наспроти негативното, квалитет наспроти партизација, работа наспроти неработа. – истакна Пецаков.

Имаме план, гарантраме конкретни проекти за Охрид и силна волја и верба тоа да го направиме, рече Пецаков.

Проекти за подобро живеење на сите, борба за секое ново работно место, мобилност и инфраструктура, модерно и современо образование, заштита од климатски промени и животна средина, правилен урбанизам, модерен и атрактивен локален туризам, поддршка за спортот и културата и одлични идеи од граѓаните, за Охрид каков што заслужува да биде во сите сфери на општественото живеење. – додаде Пецаков.

Остварен е одличен резултат во првиот круг, а Охрид покажа дека е против власта и оти му е доста од уцените, заканите, со злоупотребите на полицијата во изборите, со купување гласови, со потценување на народот, потенцираше Пецаков.

На охриѓани им е доста од изневерени очекувања и неисполнети ветувања. Наместо криминал, корупција и апатија потребни се промени и нова светла иднина. Да ги вратиме насмевките и сјајот на Охрид. – рече Пецаков.

Според Пецаков клучот на успехот во вториот круг е во излезноста.

Во сите вас е силата. Потребни сме заедно да се бориме рамо до рамо и само така успехот е загарантиран. Ни останува уште малку време. Ајде лавовски да се избориме за да имаме промени и напредок! На 31 октомври обединети и со здружени сили да избереме нова подобра иднина за најубавиот Охрид. – порача Пецаков.

Г.М.